Од Кисела Вода до Скопје: Орце Ѓорѓиевски ветува домаќински, храбар и дигитален главен град

Интервју со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела и кандидат за градоначалник на Град Скопје за “Револуционер”

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Господине Ѓорѓиевски, зад вас е еден мандат како градоначалник на Кисела Вода. Кои се трите најважни проекти со кои би рекле дека оставате траен белег во општината?

Ѓорѓиевски: Мандатот што го заокружувам во Кисела Вода не го мерев во месеци и години, туку во резултати. Од самиот почеток се водев од ставот дека граѓаните заслужуваат решенија, а не изговори. Ја наследив општината со долг од 3,5 милиони евра, но наместо да се жалам, со мојот тим веднаш започнавме со решавање. Затоа денес можам со гордост да зборувам за проекти кои не само што се реализираа, туку и оставија длабок, траен белег врз животот на луѓето.

Реконструкцијата на спортската сала “Расадник” е едно од тие дела. Сала што некогаш била симбол на спортскиот дух на Вардар, беше заборавена, уништена, оставена во долгови и без надеж. Денес, повторно се гради како спортски храм, како симбол на почит кон минатото и инвестиција во иднината, во младите и спортот. Во истиот дух изградивме над 20 спортски центри и спортски терени, 4 спортски сали, 19 детски катчиња и преку 80 000 м2 парковски површини во различни населби и населени места. Ги вративме децата на игралиштата, создадовме услови младите да изберат спорт, а не улица.

Дигитализацијата беше втората голема промена. Кисела Вода денес е првата дигитализирана општина на Балканот. Воведовме дигитални шалтери, електронско следење на постапки, транспарентни платформи и отворен буџет. Тоа не беше само технолошка реформа, туку суштинска промена во начинот на управување и враќање на довербата преку целосна отвореност.

Идејното решение за Деталниот урбанистички план за Расадник беше третата стратешка одлука што ја донесовме со визија за иднината. Наместо да дозволиме хаотично градење на 99 згради, распишавме меѓународен конкурс, ангажиравме стручно жири и добивме решение кое обезбедува хумано живеење. Добивме решение за урбан простор што му припаѓа на човекот .За првпат по земјотресот, една општина реализираше меѓународен конкурс за ДУП. Тоа е пример како урбанизмот треба да се планира – со учество на стручњаци, со визија, со вклучување на граѓаните.

Но, и покрај овие три што ги издвоив, мора да нагласам дека не смееме да го занемариме стратешкиот продор кој го направивме во основата на урбаното живеење. Реконструиравме над 70 километри улици во сите населби и населени места во Кисела Вода. Сообраќајници кои 30 години не биле предмет на интерес на ниту едно раководство. Во исто време изградивме и комплетно нова подземна инфраструктура – над 11 километри фекална канализација, повеќе од 5.5 километри атмосферска, и над 3.6 километри водоводна мрежа. Тоа се темелите на една вистинска и квалитетна урбана трансформација.

Азманоски: Кандидат сте за градоначалник на Град Скопје. Што ве мотивираше да ја прифатите оваа кандидатура и што сметате дека можете да му понудите на главниот град, што другите кандидати не можат?

Ѓорѓиевски: Мотивот е едноставен, љубовта кон Скопје и вербата дека можеме многу подобро. Во последниве години, Скопје стана симбол на урбан хаос, запуштеност и институционална нефункционалност. Наместо да чекорам по улиците со гордост, гледам како се губи духот на градот, a јас не сум човек што стои на страна. Ја прифатив оваа кандидатура затоа што имам визија, но и конкретно искуство како од невозможна состојба да се создаде успешна приказна. Граѓаните на Кисела Вода ми ја дадоа довербата да ја водам нивната општина и за неполни четири години ја оправдав во целост, преку проекти и конкретни решенија. Истото знам дека можам да го направам и за Скопје. Оние што ме познаваат знаат дека нема да постои проблем со кој нема да се соочам, работејќи чесно, одговорно и мотивирано.Ј ас  доаѓам со концепт. Веќе покажав дека знам да работам со институциите, дека знам да менаџирам долг, а притоа да не ја изгубам човечката топлина. Покажав дека може да се биде домаќин и визионер истовремено. Во Скопје ќе ја применам истата формула-чесност, труд и фокус на решенија.

Азманоски: Во изминативе години, Скопје се соочи со сериозни урбани, еколошки и сообраќајни проблеми. Доколку бидете избран, кои ѓе бидат вашите први три приоритети како градоначалник на Скопје?

Ѓорѓиевски: На Скопје не му требаат нови описи на проблемите. Нив ги живееме секој ден. Му требаат решенија. И тоа брзи, ефикасни и долгорочни. Првото нешто што ќе го направам е генерално чистење на градот. Не можеме да зборуваме за европско Скопје, додека отпадот стои на улици по 10-15 дена, додека дивите депонии растат, а воздухот мириса на нечистотија. Мојот пристап ќе биде системски, со нова стратегија за комунална хигиена, нова опрема, повеќе луѓе на терен и соработка со општините. На пример, Вардариште, кое со децении е симбол на институционално игнорирање, ќе стане еден од најголемите паркови во градот. Тоа не е само сон, тоа е план на кој веќе интензивно работиме.

Вториот приоритет е јавниот транспорт и решавањето на сообраќајниот хаос. Мораме да имаме град кој дише, кој се движи напред. Со Министерството за транспорт, веќе комуницираме за проектите за градски воз, за нови еко-автобуси…

Третиот сериозен предизвик е проблемот со кучињата скитници и загадувањето  Ќе воведеме ред, со вистински прифатилишта, со трајни решенија, со санкции за загадувачите. Ќе има надзор и постапување во секој дел од градот. Ќе покажеме дека здравјето и достоинството на граѓаните се над се.

Азманоски: Како би ја оцениле досегашната соработка меѓу општините во рамките на Скопје и градоначалничката Арсовска? Што би промениле во односот меѓу Градот и општините?

Ѓорѓиевски: Ја оценувам како нефункционална. Не затоа што имало несогласувања, туку затоа што соработката речиси и да не постоеше. Градоначалничката Арсовска не успеа да изгради комуникација со општините. А без тие мостови, градот станува институционален остров, што е опасно.

Како претседател на ЗЕЛС, покажав дека соработката меѓу општините е можна. Ја вративме довербата меѓу градоначалниците, обезбедивме консензус за многу чувствителни прашања и потпишавме меморандум за соработка меѓу општините и Владата, прв по две децении. Тие искуства ќе ги пренесам и во Град Скопје. Ќе работиме заеднички, рамо до рамо. Ќе има редовни координативни средби, заедничко планирање, а не наметнување. Градот мора да биде поддршка на општините, не нивна кочница.

Азманоски: Како гледате на идејата за поголема транспарентност и дигитализација на услугите на Град Скопје? Имате ли конкретен план како тоа би се реализирало во вашиот мандат?

Ѓорѓиевски: Не само што имам идеја, туку веќе имам и модел што функционира. Кисела Вода стана првата целосно дигитализирана општина на Балканот. Воведовме дигитални услуги, електронски платформи, воведовме буџетска транспарентност…

Таа транспарентност  го подобри квалитетот на услугите и ја врати и довербата меѓу граѓаните. Овој модел ќе го пренесам и на Градот. Ќе креираме дигитална платформа за сите градски служби, целосна отчетност за трошењето на јавни пари, јавни набавки и одлуки. Отвореноста кон граѓаните е првиот и најважен чекор кон доверба и напредок.

Азманоски: Многу млади луѓе се иселуваат од Скопје или се чувствуваат исклучени од процесите на одлучување. Како планирате да ги вклучите младите во креирањето градски политики?

Ѓорѓиевски: Младите не се категорија која треба да биде пасивна. Тие се двигатели на промени. Во Кисела Вода, токму тие беа клучните сојузници. Преку граѓански форуми, анкети, учество во јавни дебати, тие помогнаа да се донесат одлуки кои директно влијаеја врз секојдневието – од нови паркови до културни содржини.

Како градоначалник на Скопје ќе формирам Младински совет со вистински ингеренции, не само симболично. Ќе има младински фондови, јавни повици за идеи, менторски програми. Младите ќе бидат дел од тимот, не само публика. И јас сум човек кој ја започна кариерата млад и знам што значи кога некој ќе ти даде шанса. Ќе го изградиме Скопје како град на млади, не како град од кој бегаат.

Азманоски: Вашата кандидатура доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Како ќе обезбедите независност и градоначалничка функција која ќе биде над партиските интереси, особено кога станува збор за интересите на сите скопјани?

Ѓорѓиевски: Јас сум горд што доаѓам од политичка партија која ми ја даде шансата да се докажам, но пред сè сум човек кој одговара пред граѓаните. Моето работење во Кисела Вода е доказ дека не правам поделби. Никогаш не прашував на кој политички табор припаѓа жителот, прашував што му треба. Така ќе биде и во Скопје. Ќе бидам градоначалник за сите. Објективен. Човек кој работи за резултати, не за поени.

Азманоски: Што би им порачале на скопјани кои се разочарани од политиката и се двоумат дали да излезат да гласаат на следните локални избори? Зошто токму вие треба да бидете нивниот избор?

Ѓорѓиевски: Го разбирам разочарувањето на скопјани, ама не го прифаќам како изговор. Доста беше со апатија. Доста беше со спуштени погледи и со „ништо не може да се смени“. Може. Само треба храброст да се каже: „Доста беше“. Треба одлука. Треба работа. Јас тоа го правам. Не калкулирам, не се кријам. Работам. И секој ден го правам тоа со јасна цел: да покажам дека може поинаку, дека може чесно, ефикасно и домаќински. Гласот е алатка со која може да се сруши апатијата и да се изгради Скопје по мерка на граѓаните, како функционален, организиран и достоинствен главен град. Ако ми ја дадат довербата, ќе ја вратам со работа, посветеност и конкретни резултати. Без калкулации. Без изговори. Само работа.