Либерално-демократската партија (ЛДП) упати остар апел до општините низ државата да престанат со, како што велат, „неодговорно трошење на јавни пари за еднодневни манифестации“ како питијади, ајваријади, скара-фестови и слични настани.
„Наместо трошоци за гозби и фолклор, ги повикуваме локалните власти да вложуваат во она што навистина им треба на граѓаните – повеќе јавни паркинг места, повеќе зеленило, квалитетни услови во градинките и училиштата“, изјави портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
Тој нагласи дека граѓаните не живеат за еднодневни свечености, туку секојдневно се соочуваат со проблеми како недостиг на паркинг, загаден воздух и дотраени образовни објекти.
„Граѓаните сакаат безбедни улици, функционални институции и здрава средина – не гламурозни настани еднаш годишно“, додаде Аврамовски.
Од ЛДП потенцираат дека локалната самоуправа мора да покаже зрелост и визија во трошењето на јавните пари.
„Наместо градоначалниците да се натпреваруваат кој ќе донесе поголема музичка ѕвезда или ќе направи поголема ајваријада, нека се натпреваруваат кој ќе изгради повеќе паркови, училишта и јавни паркинзи“, порача портпаролот на партијата.