Агнеса Органџиева – име кое во македонската јавност е синоним за енергија, јавна експонираност и живот кој не се плаши од центарот на вниманието. Инфлуенсерка, ТВ водителка и правник по професија, таа неретко е мета на медиумите и коментарите, но секогаш останува доследна на својот став.
Во ова ексклузивно интервју, Агнеса за првпат отворено зборува за онаа Агнеса зад затворени врати, за стравовите кои не ги покажува на социјалните мрежи, за цената на луксузниот живот и за тоа што навистина претставува успех за неа. Добиваме интимен поглед во нејзините лични борби и лекции, докажувајќи дека зад гламурот се крие личност со јасни принципи и приоритети.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Постои ли Агнеса „зад затворени врати“ која е комплетна спротивност од јавниот имиџ? Кој е оној страв, сомнеж или лоша навика што никогаш не би го споделиле на социјалните мрежи, а ве прави реална личност?
Органџиева: „Да, постои Агнеса зад затворени врати – таа што не ја гледате на медиуми. Таму сум далеку посмирена, понекогаш и интровертна, а некогаш дури и комплетна спротивност од јавната Агнеса. Мислам дека секој човек има две лица – едното за светот, другото за својата душа. Јас само внимавам тие две лица секогаш да бидат искрени.“
„Сите имаме свои стравови и сомнежи, тоа е сосема човечки. Кај мене најчесто е стравот од разочарување на луѓето што сум верувала во нив и што сум поклонила дел од минутите од мојот живот. Тоа е нешто што не би го објавила на социјалните мрежи, но ми помага да останам скромна и да работам повеќе. Верувам дека токму овие човечки моменти нè прават вистински и реални.“

Азманоски: Ако животот е филм, која е најголемата „сцена“ што би сакале да ја избришете, а која е онаа што мора да остане во историјата?
Органџиева: „Верувам дека секоја сцена во животот, дури и онаа што изгледа болна или непријатна, има своја причина и лекција. Затоа не би избришала ништо, затоа што без тие моменти немаше да бидам тоа што сум денес. А сцената што мора да остане во историјата се моите најубави почетоци – моментите кога ја почувствував љубовта и поддршката од луѓето за првпат. Тоа е нешто што никогаш нема да се заборави.“
Азманоски: Колку е тешко навистина да се најде партнер кој ја разбира и прифаќа вашата јавна експонираност и дали приватно барате „потивок“ живот и личност која не е во центарот на вниманието?
Органџиева: „Да, кажав дека маж мора да се контролира, и тоа важи и за мојата врска. Јавната експонираност е огромен дел од мојот живот, па не секој може да го разбере тоа. Приватно барам живот кој е потивок, смирен – и партнер кој не се плаши од мојата енергија, туку ја прифаќа. Така се создава вистинска хемија.“
Азманоски: Како инфлуенсерка, вие сте „бренд“ и бизнис. Која е цената на тој луксуз што го прикажувате? Дали постои месечен буџет за облека, козметика, патувања и дали некогаш сте почувствувале притисок да го одржите тој скап стандард пред јавноста, дури и кога тоа не е лесно?
Органџиева: „Да, како јавна личност, и водител на своја емисја и инфлуенсерка, мојот живот е во голема мера бренд и бизнис. Луксузот што го прикажувам има своја цена – тоа е многу труд, дисциплина и постојано вложување во себе и својата работа. Секој момент на сјај во јавноста е резултат на часови подготовка, одлучност и жртви што луѓето често не ги гледаат.“
„Да, имам буџет, но исто така знам дека животот не е само за сјај и луксуз. Понекогаш чувствувам притисок, особено кога луѓето очекуваат совршенство. Но учам дека вистинската вредност не е во тоа што покажувам на социјалните мрежи, туку во тоа како се чувствувам и како живеам приватно.“

Азманоски: Која е најголемата животна лекција што сте ја научиле од вашите ќерки, Тифани и Вивиен? Наместо вие да ги учите, во која ситуација тие ве „предаваа“ и ве натераа да го промените мислењето за нешто клучно?
Органџиева: „Тифани и Вивиен ми покажаа дека децата нè учат повеќе отколку што мислиме. Еднаш, кога се расправав за нешто што мислев дека е важно, тие ми покажаа со своето однесување дека моето размислување е преголемо за ситуацијата. Тогаш сфатив дека понекогаш треба да се опуштам и да гледам на животот со нивната непосредност и радост.“
Азманоски: Дали некогаш сте размислувале да влезете во политиката или да се занимавате со правото како ваша основна професија? Со оглед на вашата препознатливост и дипломата, дали сметате дека вашиот глас би имал поголема тежина во некоја друга сфера надвор од социјалните медиуми?
Органџиева: „Размислував за политиката и правото, бидејќи чувствувам дека мојот глас би можел да има значење и надвор од социјалните медиуми. Но засега мислам дека најмногу можам да влијам преку тоа што го правам – споделување искуства, поддршка и промовирање важни вредности. Ако некогаш се појави вистинската прилика, ќе ја разгледам сериозно. За мене, вистинскиот успех е кога можам да бидам тука за моите најблиски, за моите деца да ги гледам како растат, да ги поддржувам и да ги сакам безусловно. Тоа е нешто што славата не може да го замени, и токму тоа ме правво и вистински среќна.“