Адвокатот Стеваноски го повикува началникот на ОВР Демир Хисар да се разјаснат околностите околу претресот

Адвокатот Жарко Стеваноски , во име на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар, испрати соопштение до медиумите во кое ги повикува да присуствуваат на настаните закажани за 12 август 2025 година. Соопштението доаѓа по јавниот интерес за постапувањето на полициските службеници при извршување на наредба за претрес во домот на директорот.

​Настаните се закажани за 09:30 часот пред ОВР Демир Хисар, каде директорката ќе се јави на покана за информативен разговор. По разговорот, од началникот на ОВР Демир Хисар ќе биде побарано во негово присуство да се пристапи во училиштето. Целта е да се констатира кој бил во просториите на училиштето на 8 август 2025 година и да се разјаснат спорните прашања околу законитоста на постапката за издавање наредба за претрес.

​Стеваноски во соопштението наведува дека ќе биде побарано од началникот да се потврди врз основа на чија пријава и со какви докази ОВР Демир Хисар го сторило веројатниот основ за сомневање за сторено кривично дело пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола. На основа на тоа, била издадена и наредбата за претрес.

​Адвокатот нагласува дека медиумите ќе можат да добијат целосни и детални информации поврзани со, како што го нарекува, „предизборниот обид за разрешување на директорот од страна на Градоначалникот на Општина Демир Хисар“.

​На крајот, Стеваноски им се заблагодарува на медиумите за пројавениот интерес за заштита на основните човекови права.