Адвокатот Стеваноски: Изјавата на премиерот е базирана на небулози

​Адвокатот Жарко Стеваноски, бранител на директорката на училиштето од Демир Хисар, Маја Лозановска, остро реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со разрешувањето на неговата клиентка. Стеваноски тврди дека изјавата на премиерот е базирана на „небулози“, кои, според него, се „сервирани“ од локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот на Општина Демир Хисар.

​„Го повикувам премиерот утре, на 12.08.2025 година, будно да ги следи медиумите, со цел да се увери во небулозите кои очигледно му ги сервира локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар под палката на градоначалникот на Општина Демир Хисар“, изјави Стеваноски.

​Адвокатот изрази надеж дека откако премиерот ќе ги види доказите за, како што вели, „чисто партиско политичка злоупотреба од страна на градоначалникот“, ќе ги санкционира постапките на своите партиски претставници во Демир Хисар, исто како што МВР брзо реагираше во случајот со разрешениот началник на ОВР Демир Хисар.