Адвокатот Жаре Стеваноски, бранител на разрешената директорка на Гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, за Телма изјави дека по денешниот информативен разговор во полицијата, добиле нова покана за разговор и за утре. Стеваноски вели дека еден од полицајците кој учествувал во претресот пред домот на Лозановска на 8 август, прашал кој ги повикал на разговор денес, иако тие претходно биле повикани телефонски.
Пријави за самовластие и обивање
Стеваноски ја опиша ситуацијата како застрашувачка, со оглед на тоа што добиле нова покана за разговор, и покрај тоа што телефонското повикување се смета за официјална покана. Според адвокатот, расправијата за тоа дали треба да се одржи разговорот траела еден час.
Тој изјави дека, бидејќи од началникот на полицијата биле информирани дека училиштето било обиено, побарале увид во училишните простории со полициска придружба. Одбивањето на полицијата да им излезе во пресрет ги навело да поднесат кривична пријава за самовластие.
„Извадивме и тековна состојба од Централниот регистар, кој претставува лична карта на училиштето. Во неа сè уште овластено лице е Маја Лозановска“, рече Стеваноски, додавајќи дека пријавата за самовластие е поднесена со цел полицијата да изврши увид дали постапиле соодветно по наредбата за претрес на печатите. Полицијата одбила да ги придружува до училиштето и им посочила дека ако имаат проблем, треба да се јават.