Адвокатот Туфегчиќ: Обвинението против таткото на Вања е неосновано и опасен преседан – бараме ослободителна пресуда

Обвинението против Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, е целосно неосновано, паушално и не поткрепено со докази, изјави неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегчиќ, во завршниот збор пред Кривичниот суд. Тој побара судот да донесе ослободителна пресуда, нарекувајќи го процесот „опасен преседан кој се темели врз претпоставки, а не факти”

„Обвинителството не докажа мотив, не покажа поврзаност со обвинетите, ниту изнесе доказ дека Александар планирал или учествувал во откуп на сопственото дете. Напротив, тој беше првиот што алармираше, што трагаше, што соработуваше“, рече Туфегчиќ.

Без докази, со дискредитации

Одбраната посочи дека целата конструкција на обвинението се распаѓа кога ќе се споредат исказите на сведоците – мајката Зорица Ѓорчевска, родителите и блиски лица – кои доследно опишуваат дека Александар бил посветен и одговорен татко.