Пожарот што денеска изби во Термоблокот 2 во РЕК Битола уште еднаш ја потврди суштинската улога на специјалниот адитив што се користи во термоелектраните ширум светот. Благодарение токму на оваа супстанција, техничките екипи успеаја навреме да го локализираат пожарот и да спречат сериозна материјална и енергетска штета. Но, додека истиот адитив буквално ја спасуваше стабилноста на македонскиот електроенергетски систем, во државата е во тек судски процес против неколку поединци обвинети токму за негова набавка и употреба – ситуација што отвора сериозни дилеми за начинот на кој институциите ги разбираат стручните и технолошки решенија.
Станува збор за хемиски адитив, составен од соединенија на магнезиум, калциум, железо, алуминиум и силикати, кои дејствуваат како катализатори и стабилизатори при согорувањето на јаглен. Оваа супстанција се користи за подобрување на термичката ефикасност, спречување на таложење на пепел и згура, намалување на корозијата и ризикот од пожари, и продолжување на работниот век на опремата. Нејзината улога е клучна во услови на флуктуирачки квалитет на горивото – токму како што често се случува во нашите енергетски капацитети.
Дополнително, овој адитив има и позитивно влијание врз животната средина. Со неговата употреба значително се намалуваат емисиите на штетни гасови – сулфур диоксид (SO₂), азотни оксиди (NOₓ) и фини ПМ честички – со што се подобрува квалитетот на воздухот. Тоа овозможува термоелектраните да останат во согласност со европските и глобалните еколошки стандарди, додека се одржува и енергетската стабилност. Затоа, адитивот не само што е технички неопходен, туку и еколошки оправдан.
Македонска трагикомедија: Од технички стандард до кривична постапка
Токму овој адитив, кој денес спречи голема штета во РЕК Битола, претходно стана причина за отворање на кривични постапки во Македонија. Неколку лица се соочуваат со обвиненија за наводна злоупотреба при негова набавка и користење. Во тек е судски процес, а обвинетите се обидуваат да докажат дека нивното делување било во согласност со техничките потреби на системот и со добрата практика што важи во цел свет. Во овие случаи, јавноста речиси воопшто не слушна за техничката оправданост на адитивот, ниту пак беше разгледана глобалната стандардизирана примена на оваа супстанција.
Денешниот настан го отвора прашањето:
Дали во Македонија иновациите и професионалните решенија се казнуваат наместо да се поддржат?
Дали луѓето кои се обиделе да спречат катастрофа се најдоа на обвинителна клупа само затоа што биле чекор пред системот?
Време е за нова дебата
Пожарите не прашуваат за политика, туку за превенција. А превенцијата, како што видовме денес, беше овозможена со истата материја која во други случаи се користи како аргумент за обвинение. Затоа е неопходна итна и независна ревизија на сите случаи поврзани со употребата на адитивот – не само од правен аспект, туку и од техничка, еколошка и општествена перспектива. Потребна е транспарентна анализа која ќе ги вклучи сите релевантни фактори – од енергетски инженери, до експерти за животна средина и правници.
На крајот, не е прашањето дали адитивот бил потребен – бидејќи фактите говорат дека тој спречува пожари, го намалува загадувањето и ја штити енергетската стабилност. Прашањето е, зошто во Македонија и понатаму се гони стручноста наместо да се вреднува?
Зашто додека некои држави ги наградуваат техничките решенија што носат безбедност и напредок, ние ги праќаме во судница – и тоа е рецепт за уште поголеми пожари, не само во електраните, туку и во општеството.
Пишува: Виктор Азманоски