Администрацијата на Трамп предлага ограничување на престојот за странски студенти и новинари

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска предложи ново правило за ограничување на времетраењето на визите за странски студенти и новинари. Целта е заострување на легалната имиграција во САД.

​Според предлогот на Министерството за внатрешна безбедност, странските студенти ќе можат да останат во земјата најмногу четири години, додека престојот на странските новинари ќе биде ограничен на 240 дена, со можност за обновување на истиот период. За кинеските новинари, пак, ограничувањето ќе биде 90 дена.

​Министерството за внатрешна безбедност го образложи предлогот со безбедносни ризици и финансиски оптоварувања за даночните обврзници. „Предолго време, претходните администрации им дозволуваа на странските студенти… да останат во САД речиси на неодредено време, што претставуваше безбедносен ризик“, се вели во соопштението.

​Од друга страна, критичарите изразуваат загриженост за економските последици и пораката што се испраќа до меѓународната заедница. Според Министерството за трговија, странските студенти придонеле со над 50 милијарди долари во американската економија во 2023 година. САД се дом на над 1,1 милион странски студенти, а нивното присуство е клучен извор на приходи за универзитетите.

​Миријам Фелдблум, раководител на група што ги претставува високообразовните институции, изјави дека правилото испраќа порака дека „придонесите на талентираните поединци ширум светот не се вреднуваат во САД“.

​Во изминатите недели, администрацијата на Трамп ги засили проверките и веќе откажа околу 6.000 студентски визи од јануари.