Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува план за формирање на сили за брзо реагирање за справување со протести и нереди во градовите, објави весникот „Вашингтон пост“.
Според интерни документи на Пентагон, целта на овие сили би била брзо распоредување на 600 војници, поделени во две групи од по 300, во воени бази во Алабама и Аризона. Тие би биле во состојба на готовност за транспорт до соодветното место за помалку од еден час.
Во документите се наведува дека за одржување на овие сили ќе бидат потребни стотици милиони долари, особено ако се ангажираат воени авиони што би биле постојано на располагање.
Програмата би можела да биде создадена најрано во фискалната 2027 година, доколку за неа се користи буџетското финансирање на Пентагон. Не е исклучена можноста за порано започнување доколку се најдат алтернативни извори на финансирање.
„Вашингтон пост“ забележува дека не е познато дали проектот е презентиран пред министерот за одбрана Пит Хегсет, а портпаролите на Пентагон одбиле да коментираат.