Имаме ние еден омилен спорт во земјава, да им веруваме на институциите. А тие, пак, редовно се трудат да нè убедат дека не знаат што прават. Најсвежиот пример доаѓа од Демир Хисар, каде што еден началник на полицијата, веројатно инспириран од холивудските филмови, реши да си ја напише сопствената верзија на законот.
Во сценариото, еден „професионален“ началник, со гордост го повлекува чкрапалото на својата имагинарна моќ, одлучувајќи да приведе директорка, како вистински херој од акционен филм. Нема везе што за приведување нема ниту наредба, ниту основа. Зошто да се чека Обвинителството кога може да се дејствува на своја рака? Сепак, правдата е брзина, нели? Посебно кога е твоја.
Началник, најверојатно, го следи принципот „Законот е само предлог, а не и обврска“. На негова несреќа, на лице место се нашол некој што не ги заборавил часовите по Устав и право – адвокатот Жарко Стеваноски. Со неговата професионалност и знаење, тој успеа да му покаже на началникот дека со осомничената не може да се поигрува по негови правила, туку дека мора да се почитува законот. Адвокатот, наместо да му аплаудира на храброста, го спречил фијаското, потсетувајќи го „шерифот“ дека има правила.
И наместо потезите да му бидат претставени како „операција на векот“, тие станаа симбол на институционална ароганција и самоволие. Како кулминација на се, МВР реши да се пофали дека веќе почнало внатрешна контрола. Што е тоа внатрешна контрола? Е, тоа е моментот кога самите себе се прашуваат „Зошто нас, зошто сега?“, додека јавноста веќе си знае дека одговорот е веќе напишан.
Во крајна линија, остануваат неколку прашања: Дали нашите началници се обучени само да делат казни за брзо возење, додека импровизираат кога станува збор за поголеми случаи? Дали импровизацијата е новата стратегија на полицијата? И, конечно, дали во Демир Хисар имаме случај на „заборавен“ закон, кој само чека некој началник да го „открие“?
Едно е сигурно. Овој началник не успеа да ја „приведе“ директорката, но затоа успешно не приведе сите нас на едно место, во светот на апсурдот. И за тоа, мора да му оддадеме признание.
Пишува: Пикасо