Советникот од Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Аки Акиов, се огласи по вчерашниот бурен инцидент во Советот на општина Кочани, каде што дојде до вербална расправија меѓу советниците, проследена со тензии и меѓусебни навреди.
Акиов, преку објава на социјалните мрежи, изрази жалење поради ескалацијата на настанот и упати јавно извинување до правничката од општинската администрација за, како што вели, „ненамерно нанесената повреда“.
„Јавно ѝ се извинувам на правничката од Општина Кочани за ненамерно предизвиканата повреда. Јас не сум човек кој калкулира со авторитет или политички рејтинг – јас сум борец за правда,“ наведе Акиов.
Тој остро реагираше на, како што ги нарече, „хистеричните напади“ од страна на одредени советници, кои според него, постојано го прекинуваат кога зборува за, како што истакна, „вистината која не им оди во прилог“.
„Правото на говор е загарантирано со деловникот на советите. Некултурно и неодговорно е кога на секое мое излагање се дофрлаат навреди, се бараат паузи и се прави вештачка хистерија“, порача советникот.
Посебно го осуди, како што тврди, „немањето емпатија“ кон родителите на загинатите деца и политизирањето на трагедијата со цел, како што рече, „зачувување на рејтингот пред избори“.
„Чашата ја прелеа советникот Алексов, кој го испровоцира целиот настан – својствено за него,“ истакна Акиов.
Со ваквите реакции, јасно е дека инцидентот во Советот на Кочани добива и политичка димензија, што дополнително ја вжештува атмосферата пред претстојните локални избори.