Ако СДСМ прислушувала, зошто се плашите да декласифицирате?

Опозициската партија СДСМ денеска ја повика власта, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веднаш да ја декласифицира целата документација поврзана со наводното следење на премиерот Христијан Мицкоски.

​Во соопштението за јавност, СДСМ наведува дека „наводната шпионска афера“ која била подготвувана со месеци, им се „вратила како бумеранг“ и ги повикува властите да покажат храброст и да ја објават вистината.

​„Не чекајте ни истрага, ни ништо. Нека видат граѓаните дали бил вистински следен премиерот, кој бил следен, со кого комуницирал тој. Бидете еднаш во вашето 30-годишно постоење храбри и чесни, барем тоа му го должите на овој народ“, стои во соопштението.

​СДСМ тврди дека нема од што да се плаши и инсистира на тоа дека документите можат да бидат декласифицирани за само еден ден. Од партијата ја обвинуваат власта дека со измислени скандали и „криминални романи“ се обидува да ја прикрие сопствената неспособност во управувањето со државата.