Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со полициски службеници од СВР Скопје, денеска спроведоа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“. Целта на акцијата е едукација на повозрасните граѓани, кои се најчеста цел на вакви измами.
Најчест вид на измама е т.н. „лажна сообраќајна незгода“. Измамниците, претставувајќи се како полициски службеници, адвокати или доктори, ја лажат жртвата дека нејзиното дете повредило некого во сообраќајка. Потоа бараат пари со образложение дека со одредена сума би му помогнале на детето.
Министерот Тошковски апелираше до граѓаните веднаш да го прекинат разговорот и да се јават на 112 или 192 доколку добијат таков повик.
Во првата половина на годинава, пријавени се 16 вакви настани. За изминатите пет години, расветлени се 40 случаи, а поднесени се кривични пријави против 16 лица за 40 кривични дела „измама“.
Министерот, исто така, се сретна и со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски, кои вчера спасија жена од водите на реката Вардар. Тој ја искористи приликата да им честита за нивното „херојско дело“, кое, според него, е „вистинска пожртвуваност и посветеност“ и најави дека ќе бидат наградени во рамките на законските можности.