Албанија на 16 септември ќе одржи меѓувладина конференција со Европската унија со која ќе започне отворањето на групата поглавја „Зелена агенда“. Според официјални извори, Албанија веќе ја поднела својата преговарачка позиција за ова поглавје на 2 септември.
Процесот ќе трае до 2 октомври, кога ќе биде одржана и меѓувладина конференција за отворање на последната група поглавја – „Земјоделство и кохезија“.
Ова е важен чекор во процесот на европската интеграција на Албанија. Досега, земјата отвори четири од шестте основни групи на поглавја: надворешни односи, внатрешен пазар, конкурентност и сеопфатен раст.
Иако отворањето на поглавјата е значајно, медиумите оценуваат дека најголемиот предизвик допрва доаѓа, а тоа е нивното затворање. Овој процес вклучува долги консултации и целосно усогласување на националното законодавство со она на ЕУ.
Амбицијата на албанската влада е земјата да стане полноправна членка на ЕУ до 2030 година. Сепак, комесарката за проширување Марта Кос изрази оптимизам дека Албанија може да се приклучи уште во 2029 година.