Раководствата на земјите кандидати за членство во ЕУ имаат клучна улога во пристапниот процес, изјави еврокомесарката Марта Кос во Брисел пред почетокот на шестата Пристапна конференција Албанија-ЕУ.
„Ако лидерите манифестираат вистинска проевропска ориентација, тогаш и граѓаните имаат чувство дека нивната држава се движи во вистинска насока“, рече Кос.
Според неа, Албанија е добар пример дека со силно лидерство може да се постигнат позитивни промени. Кос истакна дека кога лидерите „испорачуваат“, и Европската Унија „испорачува“ со поддршка, но сето тоа зависи од принципот на заслуги.
Отворен нов кластер за Албанија и визија за преговорите
На денешната конференција, Албанија го отвори Кластерот 4 „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, петти од вкупно шест. Еврокомесарката оцени дека доколку Албанија го задржи сегашното темпо, сите кластери ќе можат да бидат отворени до крајот на оваа година.
Кос додаде дека Европската комисија ја поддржува визијата на новата Влада на премиерот Еди Рама, чија цел е да го заврши техничкиот дел од преговорите до крајот на 2027 година.
Пристапната конференција се одржа пред состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК), на кој ќе присуствува и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а на кој ќе се разгледуваат извештаите за владеењето на правото во земјите членки и кандидатите.