Албанскиот претседател Бајрам Бегај во работна посета на Македонија

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Охрид е домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во работна посета на земјава.

Пречекот на албанскиот претседател ќе се одржи во вилата „Билјана“ во Охрид, каде што е предвидена и билатерална средба со претседателката Сиљановска-Давкова, како и заеднички работен ручек.

Во рамките на посетата, двајцата претседатели ќе ја разгледаат културно-историската понуда на Охрид, а вечерта ќе присуствуваат на свеченото отворање на 65. издание на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“, што традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата. Сиљановска-Давкова ќе има и обраќање на отворањето, со што официјално ќе го прогласи фестивалот за отворен.

Претседателот Бегај е придружуван од неговата сопруга, Арманда Бегај.