Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, им се заблагодари на граѓаните за поддршката во првиот круг, истакнувајќи дека тие покажале оти Аеродром сака и заслужува промени. Тој најави дека во вториот круг влегува уште посилно, со цел да се создаде општина која ќе биде пример за чесност и развој.
Трајановски во својата објава нагласи дека заедно со поддржувачите покажале оти „Аеродром сака, чувствува и заслужува промени“.
„Во вториот круг влегуваме уште посилно, со повеќе енергија и повеќе работа. Секој чекор што го правиме сега, го правиме за нашите деца, за нашите семејства, за општина која ќе биде пример на чесност, можности и развој“, порача Трајановски.
Тој ги повика граѓаните да останат обединети и одлучни, потенцирајќи дека вистинската сила е во заедништвото. Според него, ова е историска шанса за подобра иднина и време е сите да застанат еден до друг за да ги променат работите на подобро.
Александар Трајановски ќе се бори за градоначалничката функција во вториот круг од локалните избори на 2 ноември.