Алиу: Нов софтвер за олеснување на комуникацијата помеѓу лекарите и пациентите

На 21-виот Конгрес на лекари на Македонија, министерот за здравство Азир Алиу најави ново софтверско решение, односно апликација, чија цел е да ја олесни комуникацијата и движењето на пациентите низ здравствениот систем.

​Министерот посочи дека со апликацијата пациентите ќе можат во секое време да внесуваат здравствени податоци, врз основа на кои матичниот лекар или специјалист ќе може веднаш да реагира со промена на терапијата или со давање препораки.

​Ако системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира.

​Алиу нагласи дека дигитализацијата на здравството е еден од клучните столбови за унапредување на здравствениот систем во целост.

​На конгресот, кој важи за најголем медицински собир во земјава со околу 600 учесници, се обрати и претседателот на Македонското лекарско друштво, д-р Горан Димитров. Тој истакна дека друштвото оваа година го прославува 80-годишниот јубилеј и дека континуираната медицинска едукација и придонесот во создавањето на медицински протоколи се од особено значење за нивната работа.