Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, по влезот во вториот круг им се заблагодари на граѓаните и активистите, истакнувајќи дека искреноста и креативноста допираат до луѓето. Тој најави дека изборот во вториот круг е јасен: борба меѓу „стариот систем кој го истроши градот“ и новото движење кое го става колективниот интерес пред партискиот.
Мециновиќ, чија изјава ја пренесе МИА, рече дека она што го изградиле во изминатите недели е показател дека искреноста и креативноста и понатаму допираат до луѓето и дека почнале со замисла оти политиката може повторно да делува човечки.
„Сега кога веќе дојдовме до вториот круг, изборот е јасен: стариот систем кој го истроши градот и новиот кој заедно го градиме, кој ќе го стави колективниот интерес пред партискиот“, истакна Мециновиќ.
Тој нагласи дека ова движење не се однесувало на него како кандидат, туку на сите скопјани кои одбрале да се надеваат наместо да се предадат.
„Надежта ќе ја претвориме во реалност во овој круг – со храброст, достоинство и неизмерна љубов кон сопствениот град. Скопје се разбуди. Сега сопствените соништа ќе ги види на јаве“, порача кандидатот на Левица.
Амар Мециновиќ во вториот круг, кој ќе се одржи на 2 ноември, ќе се соочи со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.