Американскиот федерален апелационен суд пресуди дека поголемиот дел од глобалните царини што ги воведе претседателот Доналд Трамп се нелегални. Оваа одлука може да претставува голем удар врз неговите напори за еднострано преобликување на трговската политика на САД, јави „Еј-Би-Си Њуз“.
Судот го отфрли овластувањето на Трамп за воведување на царините, согласувајќи се со понискиот суд дека неговите постапки се „неважечки бидејќи се спротивни на законот“.
Одлуката покренува едно од најзначајните правни прашања за Врховниот суд – за обемот на овластувањата на претседателот над трговската политика. Апелациониот суд го одложи стапувањето во сила на својата одлука до средината на октомври, со цел да ѝ се овозможи на администрацијата на Трамп да поднесе жалба до Врховниот суд.
Трамп ја осуди одлуката преку објава на социјалните мрежи, тврдејќи дека таа „буквално ќе ги уништи Соединетите Американски Држави“ и вети правна битка. Тој го повика Врховниот суд да пресуди во негова корист, односно дека тој има овластување еднострано да воведува царини.
Во својата одлука, апелациониот суд утврди дека само Конгресот, а не претседателот, има овластување да воведува царини.