​Аналена Бербок е новата претседателка на Генералното собрание на ОН

Поранешната шефица на германската дипломатија, Аналена Бербок, денеска официјално ја презеде функцијата претседател на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН). Таа ќе раководи со 80-тата сесија на ГС на ОН во Њујорк.

​Бербок беше избрана за оваа едногодишна позиција во јуни со огромно мнозинство, и покрај руската кампања против нејзината кандидатура. Оваа 44-годишна политичарка од Зелената партија е само петта жена што ја извршува оваа функција.

​Нејзината улога е главно церемонијална и вклучува претседавање со седниците, помагање во одредувањето на дневниот ред и процедуралните правила за состаноците. Улогата на претседател на ГС на ОН не треба да се меша со улогата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.