Анастасов: Бесплатен седумдневен одмор за полуматурантите и екскурзии низ Европа за матурантите

Кандидатот за градоначалник на Општина Пробиштип од СДСМ, Драган Анастасов, на трибина ја претстави својата програма за нов мандат, најавувајќи низа социјални мерки и капитални проекти, со посебен фокус на младите и пензионерите.

​Анастасов се осврна на сработеното, нагласувајќи дека најголемиот успех е во чувството дека живеат во „подобра, поорганизирана и поубава општина“.

​Инвестиции во младите, образованието и социјалата

​Во фокусот на новата програма е враќање на парите кај граѓаните, со силни социјални и образовни мерки:

​- Седумдневен летен одмор за сите полуматуранти. Бесплатна екскурзија низ Европа за сите матуранти.

​- 6.000 денари за секое запишано прваче. 3.000 денари стипендија во прва година за секој запишан средношколец во Пробиштип.

​- 50% субвенционирање на набавка на лаптоп или таблет (до 15.000 денари) за секој средношколец.

​- За прво дете 10.000 денари, за второ 20.000 денари, за трето 3 месеци по 30.000 денари, а за четврто 12 месеци по 30.000 денари.

​- Ослободување од комуналии за изградба или доградба на куќа за млади парови до 35 години.

​- Субвенционирање на стартап и бизнис идеи од 120.000 до 200.000 денари за млади до 29 години.

Поддршка за пензионери и социјални категории

​Пензионери: 150 ваучери годишно по 20.000 денари за бањско лекување.

​Социјална помош: Велигденска субвенција од 6.000 денари за корисници на социјална помош. Новогодишна субвенција од 4.000 денари за корисници на правото на помош и нега.

​Лица со попреченост: Еднократна парична помош од 30.000 денари и 50% субвенција за набавка на инвалидски колички и скутери на електричен погон.

​Анастасов најави и големи инфраструктурни инвестиции:

​Водоснабдување: Техничка вода за сите индустриски капацитети и алтернативни системи за водоснабдување во руралните средини.

​Образование/Објекти: Изградба на нова детска градинка во населба Пробиштип.

​Урбанистички проекти: Реконструкција на градскиот плоштад „Свети Гаврил Лесновски“, како и фасадна и покривна реконструкција на постојни згради за колективно домување.

​Инвестиции во населени места: Реконструкција на плоштадот и стадионот во Злетово, парк во Злетово, адреналински парк во Лесново и реконструкција на патишта (Леговец – Ратавица, Марчино).

​Кандидатот на СДСМ ги повика граѓаните да се обединат под слоганот „Пробиштип за сите“ и да ја заокружат бројката 5 на 19 октомври.