Кандидатот за градоначалник на Општина Пробиштип од редовите на СДСМ, Драган Анастасов, по резултатите од првиот круг излезе со оценка дека граѓаните гласале за себе и за граѓански концепт, а не за партии. Тој ја истакна силната поддршка што ја добил и најави победа во вториот изборен круг под слоганот „Пробиштип за сите“.
Анастасов во својата објава нагласува дека резултатите од изборите се јасни и дека граѓаните на Пробиштип „не гласаа за партии, туку гласаа за себе, за граѓански концепт и визија за ПРОБИШТИП ЗА СИТЕ!“.
Тој истакнува два клучни податоци за да ја докаже, како што ја нарекува, волјата на граѓаните:
Раст на гласови од над 80% на изборите за градоначалник.
Пад на гласовите на партијата на неговиот противкандидат за членови на совет од над 45% во споредба со изборите од 2024 година.
„Загуби политиката – Победија граѓаните!“, констатира кандидатот на СДСМ.
Анастасов им се заблагодари на сите гласачи и изрази увереност дека по вториот круг „ГРАЃАНИТЕ ќе победат и ПРОБИШТИП ќе остане ЗА СИТЕ!“.
Тој ќе се бори за градоначалничката функција во вториот круг, кој е закажан за 2 ноември.