Националната агенција за европски образовни програми и мобилност доби ново раководство. За в.д. директорка е избрана Ана Михајлов, која е долгогодишен вработен во институцијата со над 15 години искуство во областа, соопшти Министерството за образование.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната средба ѝ посака успех на Михајлов, истакнувајќи ја клучната улога на Агенцијата во интегрирањето на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор.
Михајлов, пак, изрази уверување дека институцијата ќе продолжи доследно да ги спроведува програмите за образование и мобилност, како што се „Еразмус“ и „Европски солидарен корпус“. Таа нагласи дека придобивките од овие програми ќе бидат достапни до што повеќе учесници, вклучувајќи ученици, наставници и граѓански здруженија.
Министерството за образование и наука најави дека ќе продолжи да ја следи работата на Агенцијата и да ја поддржува во градењето на капацитетите, гарантирајќи правилно и оптимално функционирање.