Ангелова: Жените мора да бидат рамноправни лидери во политиката и општеството

Форумот на жени на СДСМ веќе години претставува двигател во борбата за родова еднаквост и поголема застапеност на жените во политичкиот и општествениот живот. Во разговор за „Револуционер“, генералната секретарка Јасмина Ангелова зборува за приоритетите, предизвиците и визијата на Форумот, но и за тоа како младите жени да станат лидери во своите заедници

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Кои се главните цели и приоритети на Форумот на жени на СДСМ?

Ангелова: Наш приоритет е еднаквоста, зголемената застапеност на жените во политиката и економијата, како и создавање политики што го олеснуваат животот на жените. Делуваме преку едукации, јавни кампањи и активно учество во креирањето на политики.

Азманоски: Како придонесувате за зајакнување на улогата на жените?

Ангелова: Ги охрабруваме жените да бидат активни и видливи, обезбедуваме менторски програми и создавање мрежи на поддршка за нивно поголемо влијание во процесите на одлучување.

Азманоски: Со кои предизвици се соочувате во областа на родовата еднаквост?

Ангелова: Главни предизвици се стереотипите, економската нееднаквост и ниската застапеност на жените на лидерски позиции. Решението го гледаме во јакнење на законите, квоти, родово одговорни буџети и промоција на успешни жени.

Азманоски: Како ги охрабрувате младите жени за политички ангажман?

Ангелова: Преку обуки, лидерски програми и менторство им даваме знаење и самодоверба. Важно е младите жени да преземаат иницијативи и лидерски улоги во заедницата.

Азманоски: Како ја оценувате застапеноста на жените на претстојните локални избори?

Ангелова: Имаме 9 кандидатки за градоначалнички, рамноправна застапеност на листите и повеќе жени носителки на листи. Тоа е значителен напредок, но ќе продолжиме да работиме за уште поголема застапеност.

Азманоски: Како соработувате со женски организации и здруженија?

Ангелова: Соработуваме на национално и регионално ниво преку кампањи, конференции и заеднички иницијативи. Женската солидарност е клучна за општествени промени.

Азманоски: Која е вашата лична визија за иднината на жените во Македонија?

Ангелова: Мојата визија е жените да бидат рамноправни лидери во политиката и општеството. Форумот на жени ќе продолжи да руши предрасуди и да создава генерација на млади жени лидери.