Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска на прес-конференција информираше дека според прогнозите на УХМР, вечерва се очекуваат поројни дождови во североисточниот дел на Македонија, најмногу околу Куманово и делумно Крива Паланка. Во текот на ноќта дождови се очекуваат и во целиот источен регион, што, според Ангелов, би можело значително да помогне во справувањето со пожарите кај Македонска Каменица и Берово.
Ангелов соопшти и дека Словенија и Франција понудиле помош во форма на тимови од по 50 пожарникари и специјализирани возила за гаснење пожари. Како што рече, понудите се во фаза на разгледување, по што ќе се донесе конечна одлука за натамошните чекори.
Во врска со критиките на СДСМ дека изгорени се над 20% од вкупната површина на шуми и пасишта, Ангелов остро ги демантираше овие наводи.
– Го видов соопштението. Нормално е така да делува опозициска партија. Но, ова соопштение ми изгледа веќе видено, слични реакции читав и пред 3, 4 или 5 години, но од други партии. Иронично, токму тие ме поставија на оваа позиција и тогаш ја пофалија мојата работа. Сепак, ги разбирам. Оваа година имаме значително повеќе специјализирани возила, и ако пресметаме според количина на вода во тонови, разликата е навистина огромна, изјави Ангелов.