Ангелов: Со локалното население успеавме да ја совладаме левата огнена линија кај Јажинце, десната е на непристапен терен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше дека доцна синоќа повторно се активирал пожарот во атарот на селото Јажинце, општина Јегуновце. Поради силниот ветер и сувата вегетација, огнот се проширил на повеќе од еден километар, заканувајќи се да го премине магистралниот пат Тетово – Јажинце.

​Битка со огнената стихија во текот на ноќта

​Ангелов објасни дека брзата интервенција спречила катастрофа. „На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да го премине патот“, изјави тој.

​Тој лично се приклучил кон акцијата околу полноќ, заедно со неговиот возач и седум жители од селото Рогачево. Со заеднички напори, до три часот по полноќ успеале да совладаат повеќе од еден километар од огнената линија.

​Засега, десната страна на пожарот е тешко достапна поради непристапен терен. За да се спречи повторно разгорување, ангажиран е полициски хеликоптер кој прецизно фрла вода врз жешките точки.

​Ангажирани пожарникари и локалното население

​На терен, покрај екипите на ДЗС, се и пожарникари со возила од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локалното население. Ангелов изрази посебна благодарност до жителите на Рогачево, кои помагале во гаснењето на пожарот.

​„Голема благодарност до сите кои помагаат во справувањето со овој тежок пожар, а особено до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево, со која спасивме неколку хектари вегетација по исклучително тежок терен и со ризик по нашите животи“, додаде директорот на ДЗС.

​Ангелов посочи и дека министерот Тошковски цела ноќ и утрово останал на локацијата, следејќи го развојот на настаните.