Поранешниот министер за внатрешни работи и универзитетски професор Оливер Андонов, преку јавна објава остро го критикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по трагичниот настан во Кочани, укажувајќи на моралната одговорност што, според него, ја избегнува партискиот лидер.
„Избегнував да ја коментирам трагедијата во Кочани, но будалаштините направени од страна на Мицкоски едноставно не оставаат простор за некаков нормален тек на сите процеси поврзани со оваа трагедија“, пишува Андонов.
Тој потсетува дека навремено му укажал на Мицкоски дека моралната оставка е единствениот чекор што ќе овозможи истрагата да се спроведе без притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и без дополнителна штета по државата.
„А многу убаво ти кажав, Христијан, дека требаше веднаш да си дадеш оставка од морални причини… Но тебе ти е поважно да бидеш на власт по секоја цена“, вели Андонов, обвинувајќи дека интересите на лидерот се ставаат пред партијата, па дури и пред државата.
Во објавата тој го посочува и случајот со неговиот колега Александар Нацев, кој, како што наведува, бил „жртвуван за лични интереси“ на Мицкоски, откако претходно бил „вовлечен во проблем“.
Професорот потсетува и на претходна изјава на Мицкоски дека нема поврзаност со агенцијата за обезбедување инволвирана во случајот, и со иронија прашува дали сега, по развојот на настаните, ќе преземе одговорност.
„Христијан, биди еднаш политички маж и преземи ја одговорноста – и политичката, и одговорноста за јавно даденото ветување – и поднеси оставка од државните и партиските функции“, завршува Андонов.