Андреј Минчевски тврди дека бил спречен да го види синот и обвинува за институционална неправда

Андреј Минчевски јавно обвини дека е жртва на институционална неправда, тврдејќи дека биолошката мајка на неговиот син наводно го злоупотребила системот за да го спречи да го види детето.

​Во својата објава, Минчевски раскажува за инцидент кој се случил пред Центарот за социјална работа, каде според одлука на институциите требало да се сретне со синот. Тој тврди дека мајката, под дејство на дрога, почнала агресивно да го влече детето и да вика дека тој е „манијак“, иако не ѝ се доближил.

​Обвинувања за лажни пријави и институционална заштита

​Според Минчевски, мајката го одвлекла детето во полициска станица, каде што била третирана како привилегиран граѓанин. Тој тврди дека таа пред службениците лажно го обвинила, додека тој се обидел да пријави насилство врз детето, но бил отфрлен од инспекторите.

​Најголемиот шок, според него, се случил во Центарот за социјална работа, каде веќе била пласирана приказната дека тој ја нападнал мајката, а детето не сакало да го види.

​„Спин за една минута! Од жртва ме претворија во агресор, од злоставувано дете направија ‘детето што не сака татко’“, напиша Минчевски.

​Тој ја критикуваше реакцијата на институциите, велејќи дека тие ја штитат мајката наместо да ја санкционираат за злоставувањето на детето, кое било очигледно за сите. Минчевски најави дека овој пат нема да се откаже и дека ќе се бори за правото на својот син за љубов, сигурност и мирно детство.