Апасиев до членството: Цензурата е доказ дека вмроидниот режим се плаши од обединета Левица

Претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, упати писмо до членството и симпатизерите на партијата со силна и борбена порака, нагласувајќи дека патот кон победата продолжува и покрај, како што вели, „илегалната цензура“ за време на оваа изборна кампања.

​Според Апасиев, цензурата го потврдува претчувството на партијата. „Вмроидниот режим се плаши од нашата заедничка борба против елитите. Точно знаат од каде доаѓа опасноста. Се плашат од вистинската опозиција. Од обединета и силна Левица!“, се наведува во писмото.

​Лидерот на Левица порачува дека секој ден во оваа „неправедна кампања“ за Локалните избори 2025 е доказ за нивната решителност и непоколебливост.

​„Знаеме дека патот дотука не беше лесен, но знаеме и дека солидарноста, правдата и чесноста овојпат имаат голема шанса за победа“, стои во обраќањето.

​Апасиев потенцира дека Левица се профилира како втора политичка сила во државата, додека младоста, неподмитливоста и креативноста се на нивна страна.

​„На нивна страна се олигарсите, богаташите и корумпираните. Нашата кауза е праведна! Да не се откажеме. Да одиме напред. Непоколебливо. Со чиста совест и цврста волја“, додава тој.

​Дефинирајќи ја партијата како свежина на „мувлосаната политичка сцена“, Апасиев јасно ја поставува нивната генерациска должност: „Да ја продолжиме оваа нерамна битка против привилегираните кои со децении ги ограбуваат и народот и Републиката.“

​Тој заклучува со повик за мобилизација и истрајност до членството: „Да бидеме смирени во опасноста! Скромни и постојано претпазливи. Да бидеме несовладливи во офанзивата. Да останеме посветени, организирани и мобилизирани! Да бидеме секој ден на улиците. … Нема паѓање во духот! Победата наша не е далеку.“