Апасиев: Левица е единствена партија без право на платено рекламирање – Зад забраната стои премиерот

​Партијата Левица денеска одржа прес-конференција пред Уставниот суд, реагирајќи на, како што го нарекуваат, „невиден облик на дискриминација“ од страна на властите, откако им било забрането платено политичко рекламирање во приватните медиуми.

​Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, истакна дека Левица е единствената парламентарна и вонпарламентарна партија која е изоставена од можноста за политичко претставување во сите четири законски пакети за рекламирање, што претставува преседан во историјата на земјата.

​Апасиев директно ги обвини државните институции за вмешаност, посочувајќи го особено директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, дека добива инструкции од премиерот.

​„Скандалот да е уште поголем, не само што ни се забранети државните пари кои по закони ни следуваат, туку и доколку би имале наши пари ние ќе не можеме да се рекламираме затоа што со едноставно пропуштање, односно не спомнување во четирите законски предвидени пакети, ние сме изоставени комплетно како да не постоиме на политичката сцена. Ова е директна последица и пратен абер директно од премиерот [Мицкоски] преку неговиот подлизурко Зоран Трајчевски…“, изјави Апасиев.

​Левица најави дека веднаш ќе преземе правни мерки, вклучувајќи поднесување тужба и барање итна временска мерка од Уставниот суд за стопирање на оваа забрана.

​Тие предупредуваат дека доколку проблемот не се реши на национално ниво, ќе поднесат случај до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, што може да доведе до повеќегодишна правна битка со последици за демократските процеси во Македонија.

​Апасиев го објасни спорот со селективното и „ригидно граматичко“ толкување на член 75г од Изборниот законик.

​Државните тела се „држат како слеп за стап“ за зборот „двете“ (најголеми партии), со што практично целото право на платено рекламирање им го доделуваат само на двете најголеми партии.

​Левица, пак, се држи до зборовите „може“ и „најмногу“ во законот, што според нивното телеолошко (целно) толкување, значи дека двете најголеми партии треба да добијат пропорционално најмногу, а остатокот треба да го добие Левица.

​Апасиев заклучи дека ова е „поздрав од Мицкоски“ и порача дека партијата нема да се откаже и очекуваат историски резултат на претстојните локални избори.