Апасиев со критики кон Мицкоски по прекинот на струја: “Половина Македонија во мрак, благодарение на енергетичарот-премиер!”

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, реагираше со иронија по утринскиот прекин на струјата што го зафати речиси половина од Македонија. Во својата изјава, Апасиев го посочи премиерот Христијан Мицкоски, кој е познат по своето образование во енергетиката, со забелешка дека „премиерот енергетичар ноќеска ја остави пола Македонија без струја“.

„Ако не беше енергетичар, веројатно цела држава ќе останеше без струја“, додаде Апасиев саркастично, алудирајќи на управувањето со енергетскиот систем.

Според информациите од АД МЕПСО, причината за прекинот биле високи напони во 400 киловолтната мрежа, кои предизвикале краткотрајни испади на трансформаторските станици во неколку региони. Компанијата истакна дека се работи за регионален проблем, кој зафати повеќе земји во Европа, а не изолиран случај во Македонија.

Екипите на МЕПСО брзо интервенираа и снабдувањето беше стабилизирано во рок од еден час. Од компанијата уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека внимателно се следи состојбата на мрежата.