Арбен Таравари гостин во „Вести Плус“ на Канал 5 ТВ: За локалните избори можни се сите комбинации

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој неодамна премина во опозиција, во емисијата „Вести Плус“ на Канал 5 ТВ изјави дека на претстојните локални избори ќе соработува со поранешните ривали – Али Ахмети и Зијадин Села. Според него, за локалните избори се можни различни коалициски комбинации.

Тој очекува дека наесен, заедно со Европскиот фронт во албанскиот политички блок, ќе освојат повеќе од двојно повеќе гласови во споредба со коалицијата Влен. Доколку разликата не биде толку убедлива, смета дека нема да има логика да се бараат предвремени парламентарни избори.

Во врска со шпекулациите за можни политички притисоци, Таравари категорично ги негираше

„Кога ќе дојде моментот да попуштам под притисоци, тогаш нема да се занимавам со политика. Да бидете сигурни – само човек кој е апсолутно чист може да оди во опозиција без да му трепне око“, рече Таравари.

Тој нагласи дека Алијанса за Албанците останува стабилна и покрај тоа што дел од партиските функционери, околу 15 до 20, останале во Владата и се приклучиле на коалицијата Влен.

„Им посакувам успех, но во структурите на партијата нема значителни оштетувања. Ние сме биле најголеми политички противници на господинот Ахмети, но сега одлучивме да соработуваме и да се поддржиме меѓусебно во неколку општини“, истакна тој, додавајќи дека политиката понекогаш дозволува атипични коалиции, како што била онаа меѓу ДПА и Партијата за демократски просперитет во 1998 година.

„Владата, особено коалицијата Влен, не функционираше како што треба. Тоа беше неодржлив проект. ВМРО-ДПМНЕ го искористуваше тоа, што ни го намалуваше кредибилитетот. Затоа, подобро беше да преминеме во опозиција. А кога си опозиција, нормално е да соработуваш со други опозициски партии, во овој случај, со ДУИ“, додаде Таравари.

Тој објави дека Алијанса за Албанците ќе настапи на локалните избори со свои кандидати за градоначалници во четири општини: Гостивар, Сарај, Теарце и Врапчиште.

На прашањето зошто повторно не се кандидира за Гостивар, Таравари одговори:

„Еден актуелен градоначалник велеше:  ‘еден мандат е малку, а два се многу’. Победив убедливо во 2017 и 2021 година. Алијанса за Албанците сега промовира нова генерација политичари, кои можеби се и подобри од нас. Кандидатот Валбон Лимани е фантастичен, веќе една година успешно раководи со Гостивар, подобро од мене. Нема потреба да го менуваме, само треба да го поддржиме“, заклучи Таравари.