Со полагање свежо цвеќе на повеќе спомен-обележја, денеска беше одбележана 24-годишнината од трагичното загинување на осуммината припадници на резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила.
Делегација на Министерството за одбрана и Армијата, предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, оддаде почит пред спомениците во село Љубанци, Волково, во касарната „Илинден“ и во Општина Ѓорче Петров, каде што се наоѓа спомен-обележјето на бранителот Томислав Настевски.
Посебна владина делегација, предводена од министерот за правда Игор Филков, исто така положи цвеќе на спомен-обележјата, оддавајќи им почит на загинатите бранители.
Трагедијата се случи на 10 август 2001 година, кога воено товарно возило на Армијата налета на мина, при што животот го загубија: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.