Арнаутовиќ со спектакуларен пречек во Белград: Црвена звезда доби нова ѕвезда во нападот

Марко Арнаутовиќ, еден од најискусните напаѓачи на Европа, официјално стана дел од Црвена звезда. Австрискиот репрезентативец со српски корени пристигна во Белград, каде што беше дочекан како вистинска ѕвезда – стотици навивачи го пречекаа на аеродромот со скандирања и аплаузи, славејќи го најголемиот летен трансфер на клубот.

Арнаутовиќ, кој минатата сезона настапуваше за италијански Интер, потпиша двегодишен договор со српскиот шампион, според кој ќе заработува 2,5 милиони евра по сезона. Тој ќе го носи дресот со број 89 – симболично поврзан со неговата година на раѓање и со основањето на навивачката група „Делије“.

Овој трансфер е вистински потег за амбициите на Црвена звезда на европската сцена. Генералниот директор Звездан Терзиќ, кој ги водеше преговорите со Арнаутовиќ и неговиот брат Даниел, не ја криеше радоста по финализирањето на договорот.

Во својата богата кариера, Арнаутовиќ играше за реномирани клубови како Твенте, Вердер Бремен, Стоук, Вест Хем, Шангај Порт, Болоња и Интер. За репрезентацијата на Австрија има 125 настапи и 41 постигнат гол.

Навивачите на Звезда со нетрпение го очекуваат неговото деби, надевајќи се дека токму Арнаутовиќ ќе биде клучниот играч во борбата за нова европска слава.