Арсовска алармира: Хемиски фабрики и згради се планираат над скопските бунари, Уставниот суд молчи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, остро реагираше на најавата за изградба на три индустриски хемиски објекти и над 30 станбени згради во општина Ѓорче Петров, на површина од 157.000 квадратни метри. Таа предупредува дека ваквата урбанистичка експанзија ќе го дуплира бројот на жители дозволен според Генералниот урбанистички план (ГУП) за тој дел од градот, но и дека објектите се предвидени да се градат во непосредна близина на клучните бунари од зоната Нерези – Лепенец, од кои пие вода цело Скопје.

Според Арсовска, Деталниот урбанистички план (ДУП) е донесен спротивно на закон, без задолжителната позитивна согласност од Градот Скопје, што ја прави постапката невалидна и според важечките регулативи.

„ДУП-от е донесен без правосилност, бидејќи Град Скопје не дал согласност, а тоа е задолжителен чекор. Се работи за директна опасност по здравјето на граѓаните и загадување на изворите на вода“, вели Арсовска.

Таа ја обвини и институцијата Уставен суд, која одби да ја разгледа иницијативата за оценка на уставноста на спорниот ДУП, поднесена од Град Скопје.

„Судот, без да ја отвори иницијативата, образложува дека не е докажано дека планот е незаконски. Па како да се докаже нешто што не сте го разгледале?“, прашува Арсовска, додавајќи дека сите потребни докази се веќе доставени од страна на Градот.

Таа ја обвини институцијата дека со таквото однесување работи во корист на, како што вели, „урбаната мафија“.

„Следниот пат, за да не бидат вознемирени кога им се доставуваат издржани иницијативи, предлагам изведувачите на хемиските фабрики да ги снабдат судиите со дијазепам“, напиша иронично Арсовска, алудирајќи на пасивноста на судот и несоодветното постапување.

Градоначалничката повторно повика на итна реакција од надлежните институции, со цел да се спречи, како што вели, еколошка и урбанистичка катастрофа со далекусежни последици за жителите на Скопје.