Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, објави дека Општина Гази Баба и нејзиното јавно претпријатие се затекнати во незаконски активности кои директно ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните.
Арсовска тврди дека возила со општински ознаки, кои неодамна добиле нови црвени таблици за да се разликуваат од комерцијалните, се затекнати како создаваат диви депонии на подрачјето на Јурумлери.
Наместо да ја извршат својата законска обврска за чистење на просторот на Вардариште, одговорните во општината, според Арсовска, самите организирале создавање на депонии. Дополнително, дел од депониите биле и запалени, со што е предизвикано сериозно загадување.
„Оваа практика претставува сериозен доказ дека дел од општинските структури активно учествуваат во создавањето и ширењето на диви депонии, а потоа свесно ги палат, со што предизвикуваат голема штета по животната средина и по квалитетот на воздухот,“ изјави Арсовска.
Таа потенцираше дека ваквите активности се во директна спротивност со законските обврски на општините и претставуваат кривични дела за кои мора да следи соодветна одговорност. Арсовска ги повика сите надлежни органи веднаш да постапат согласно законските надлежности.