Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со жестока јавна порака до градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, обвинувајќи го за сериозни нерегуларности и незаконско постапување во врска со изградба на дивоградби и фрлање отпад во урбаните средини.
Во објава на социјалните мрежи, Арсовска изјави дека има докази за најмалку 150 дивоградби на територијата на Чаир, за кои тврди дека се изградени во последните години, спротивно на изјавите на општината дека се постари од 2011 година.
„Институционално се документирани и службено вратени со забелешки, во кои е утврдено дека не станува збор за постари објекти, туку за новоградби,“ наведува Арсовска.
Таа додава дека наместо да се соочи со фактите и да им врати пари на граѓаните кои инвестирале во небезбедни објекти без правен статус, Ганиу се обидува да врши притисок и да создава конфликти. Според Арсовска, постојат докази дека градежен и кабаст отпад од Чаир бил намерно фрлан во и околу контејнерите на ЈП Комунална хигиена, по што биле преземени мерки од МВР и инспекциските служби.
„Нема повлекување. Со сите докази ќе излезам пред јавноста. Не постои закана што ќе ме натера да молчам,“ порачува градоначалничката.
Арсовска најави дека ќе го повика и граѓанскиот сектор, вклучително и оние кои, како што тврди, „се измамени со лажни ветувања за станови“, да ги побараат назад своите пари од локалната власт во Чаир.
Со овој јавен судир, се отвора уште една епизода од тензиите меѓу градската и општинската власт, со обострано сериозни обвинувања кои најверојатно ќе имаат институционално продолжение.