Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, остро му возврати на вицепремиерот Изет Меџити, кој претходно изјави дека Арсовска наводно учествува во дестабилизација на државата.
Во својата реакција, објавена на социјалните мрежи, Арсовска го обвини Меџити и неговиот, како што го нарече, „измеќар Висар“, дека стојат зад незаконско издавање дозволи за дивоградби, за кои, според неа, граѓани платиле милионски суми со лажни уверувања дека објектите ќе можат да се легализираат.
„Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар, кој ти ги потпишувал незаконските дивоградби. Не се глупирајте – ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате“, напиша Арсовска.
Таа посочи дека секојпат кога некој ќе ги „чепне“ криминалните активности на одредени структури, тоа веднаш се претставува како обид за дестабилизација.
„Како тоа секогаш кога сте фатени со ‘рачињата во медот’, одеднаш станува збор за дестабилизација? Единствено што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и приливот на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано“, порача таа.
Арсовска заврши со повик до Меџити јавно да открие колку пари, како што рече, се земале за нелегалните објекти.