Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно остро се огласи во врска со, како што вели, организираниот криминал поврзан со нелегално градење на државно земјиште во општина Чаир. Таа директно ги обвини Министерството за внатрешни работи и Владата дека со „филозофирање“ го одолговлекуваат справувањето со очигледен криминал.
„И денес продолжува филозофирањето на МВР и премиерот кој не ги знаеше надлежностите на Градот Скопје“, порача Арсовска во објава на социјалните мрежи, посочувајќи дека повторно на терен се соочиле со истите проблеми – молк и непостапување на институциите.
Според неа, на лице место биле затекнати работници ангажирани од, како што ги нарече, „сторителите на кривичното дело бесправна градба“. Истите, вели, биле платени во кеш и испратени да ја прикријат штетата што ја предизвикале врз булеварот и подземната инфраструктура – вклучително и водовод, канализација и високонапонски кабли.
„Принцезата на дивоградбите и неговиот ментор продолжуваат со криминални активности“, тврди Арсовска, алудирајќи на лица кои, како што наведува, се обидуваат да ги сокријат трагите од незаконското узурпирање на државно земјиште.
Таа информираше дека Градот Скопје ги презел сите расположливи мерки и изрекол највисоки казни, а случајот е веќе пријавен кај надлежните институции.
Градоначалничката јавно ги повика Општина Чаир и Државниот градежен инспекторат веднаш да ги урнат дивоизградените објекти и да ја санираат штетата со враќање во првобитна состојба.
Истовремено, од Министерството за внатрешни работи се бара да ги утврди сторителите на кривичните дела и конечно да поднесе кривични пријави.
„Има повеќе од доволно докази. Владата и МВР да престанат со празна реторика и да се фатат за работа. Граѓаните бараат одговорност“, апелираше Арсовска.