Арсовска: „Комуналниот хаос во Скопје е дело на осуден криминалец поставен од ВМРО и ВЛЕН“

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во нова јавна објава упати сериозни обвинувања до Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, директно обвинувајќи ја дека е причина за хроничниот хаос со собирањето на отпадот низ главниот град.

Спировска, според Арсовска, е осудена со правосилна судска пресуда, но и покрај тоа, продолжува да раководи со јавното претпријатие, именувана од страна на партиите ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Градоначалничката посочува дека раководењето на претпријатието под нејзино водство е „партиски инструирано“ и резултирало со тотален распад на системот, што, како што вели, е документирано во записници со насоки и заклучоци кои потекнуваат од партиски штабови.

„На госпоѓата која е со правосилна судска пресуда за кривично дело, работите никако не ѝ одат по закон. Наместо транспарентност, денеска во 13 часот свикала тајна, затворена седница на Управниот одбор – спротивно на сите правни акти што ја обврзуваат да работи јавно и отчетно“, истакнува Арсовска.

Според член 3 од Деловникот на ЈП КХС, седниците на Управниот одбор се должни да бидат јавни и отворени за медиумите, со цел транспарентно известување за работата на претпријатието. Наместо тоа, Спировска, како што посочува Арсовска, го крши и членот 13, со тоа што самостојно го утврдува дневниот ред без соработка со директорот на претпријатието, како и членот 14, со тоа што материјалите за седницата не ги доставува до релевантните лица во управата.

> „Сака во јавно претпријатие да води тајни седници за да го доуништи тоа што останало. Ова е врв на политичкиот и институционален криминал“, додава таа.

Арсовска упати директна порака до Спировска:

„Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана!“

 

Обвиненијата доаѓаат во време кога јавното незадоволство од услугите на Комунална хигиена расте, а прашањето за политички поставени кадри со сомнително минато добива сè поголемо внимание во јавноста.