Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јавно проговори за сериозни закани по нејзиниот живот, велејќи дека „ќе ја отепаат“, во контекст на последните нејзини активности поврзани со откривање на дивоградби во општина Чаир.
Во интервју за ТВ 24, Арсовска изјави дека со години се соочува со притисоци, но дека заканите станале поинтензивни во последниов период, откако започнала да открива урбанистички нерегуларности.
Иако не посочи конкретни имиња или извори на заканите, таа беше децидна дека нема намера да се откаже:
„Јас немам намера, откако ги издржав овие криминалци три и пол години, сега – неколку месеци пред изборите – да се повлечам. Единствената работа што ја знам е дека пред криминалци не се повлекувате никогаш“, изјави Арсовска.
Градоначалничката со ваквата изјава испрати силна порака дека борбата против урбанистичкиот криминал ќе продолжи и покрај заканите, ставајќи акцент на отпорот против, како што вели, „организирани интереси кои сакаат да го задушат Скопје“.