Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку нова објава на социјалните мрежи повторно упати остри критики кон институциите и власта, обвинувајќи ги за неспособност и прикривање на криминал поврзан со урбаната мафија во општина Чаир.
„Нели ви е срам да се однесувате како државата да е ваша? Немате минимум достоинство да признаете дека сте неспособни и исплашени од криминалците во власта. Наместо да ги приведете Висар Ганиу и Изет Меџити, кои се поврзуваат со над 150 дивоградби и милионски криминал, вие се одмаздувате на раководителката Ивана – која јавно предупреди на опасностите што ги предизвикуваат овие бесправни градби“, порача Арсовска.
Според неа, наместо правдата да биде на страна на граѓаните, институциите се претвораат во алатка за заштита на криминалните структури.
„Што ви пречи Ивана? Тоа што гласно кажа дека илјадници граѓани се доведени во животна опасност? Тоа што продавате станови што утре може да станат смртни комори? Што им должите на Висар и Изет – миленичиња на ДПМНЕ? Немате храброст да ги допрете нив, па се одмаздувате на оние што ја зборуваат вистината“, истакна Арсовска.
Нејзината изјава доаѓа во време кога јавноста сѐ погласно бара одговорност за дивоградбите и урбанистичкиот хаос во Чаир, додека институциите сѐ уште молчат за евентуалните истраги против лицата кои ги посочува Арсовска.