Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, најави дека од понеделник започнува објавување на фељтон во кој, како што вели, ќе бидат презентирани „сите незаконски постапувања и криминал“ што биле спречени од страна на нејзиниот тим, но за кои надлежните институции сѐ уште не постапиле.
„Ќе објавуваме едно по едно, со аргументи и докази. Ќе покажеме кој постапувал веднаш, а кој молчи и си продолжува по старо“, напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Таа тврди дека за три години се спречени над 150 обиди за нелегални легализации на дивоградби, како и изградби на асфалтни бази во густо населени места. Дополнително, биле поднесени кривични пријави против компании како УСЈЕ и други загадувачи, кои, според неа, претставуваат сива еколошка зона за властите.
„Отстранивме тендераши и партиски фирми, расчистивме со корупцијата“, тврди Арсовска, додавајќи дека нејзиниот тим трпи секојдневни закани, но не се откажува од битката за транспарентност.
Со најавениот фељтон, Арсовска директно ги предизвикува институциите да постапуваат и индиректно ги обвинува дека свесно игнорираат криминал.
Револуционер ќе го следи фељтонот и ќе ги анализира податоците што ќе ги објави градоначалничката. Останува отворено прашањето: дали ова ќе биде политичка офанзива пред избори или вистинско разобличување на системска корупција?