Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска јавно ја објави локацијата каде, според неа, се гради дива и небезбедна градба за која институциите не преземаат никакви мерки, и покрај пријавите доставени уште на самиот почеток на изградбата.
„Небезбедни згради градат со брзина на молња, пријавена е на самиот почеток, уште малку ќе ја завршат и сѐ уште никој не постапува, па ќе прашаат каде бевте кога почна да се гради?“ – напиша Арсовска на социјалните мрежи, упатувајќи директна критика до надлежните институции.
Во својата објава, таа посочува низа сериозни прекршувања поврзани со објектот, вклучувајќи:
– Непостоење на одобрен проект,
– Неплатени комуналии кон Градот Скопје,
– Крадење електрична енергија и вода,
– Поткопување на темели и електроинсталации, што, според неа, претставува директна опасност од пожар.
Арсовска истакнува дека случајот е пријавен и во Министерството за внатрешни работи, но досега нема никаква реакција.
„Пријавено во МВР, дива градба – небезбедна, без проект, нема платено комуналии кон градот, крадење струја, крадење вода, поткопување на темели на бетонските столбови и инсталациите на струја, со што има потенцијална опасност од пожар,“ предупредува градоначалничката.
Таа додава дека, иако не се кандидира за нов мандат, чувствува одговорност јавно да алармира, а апелира институциите да не си ги затвораат очите.
„Ете јас сум на крај на мандат, не се кандидирам, ама вие сте на почеток на мандат – зошто не постапувате?“ – прашува Арсовска, со порака до институциите и одговорните лица во власта.
Оваа објава повторно го отвора прашањето за (не)функционирањето на инспекциските и безбедносните служби, а граѓаните со загриженост го следат развојот на случајот, кој, според најавеното, може да добие и правна разрешница доколку се потврдат наводите.