Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, упати остра реакција до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за непознавање на законите и надлежностите во борбата против дивоградбите.
„Жалам што првиот човек на Владата се уште не ги знае законите и нема основни познавања на тоа како функционира локалната самоуправа“, стои во нејзината објава, во која му порачува на Мицкоски дека Градот Скопје, според закон, нема надлежност за постапување по дивоградби.
Арсовска објаснува дека за рушење на бесправни објекти е надлежен градежниот инспектор на општинско ниво, како и Државниот градежен инспекторат под Министерството за транспорт и врски. Таа дополнително потенцира дека кога се работи за кривични дела, одговорноста е на Министерството за внатрешни работи.
Со ироничен тон, таа му се заблагодари на Мицкоски за „можноста да делува едукативно“, апелирајќи до него конечно да преземе одговорност.
Оваа јавна прозивка доаѓа во време на засилени тензии околу урбанистичкиот хаос и борбата против узурпацијата на јавен простор во Скопје.