Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, се обрати на протестот што вчера се одржа во Приштина, организиран од Здружението на воени ветерани на ОВК, изразувајќи незадоволство од работата на Специјалниот суд во Хаг.
Во својот говор, Ахмети повика на ревизија на Резолуцијата на Советот на Европа од 2011 година, која послужи како основа за формирање на Специјалниот суд, истакнувајќи дека – според него – од повеќе извори било докажано дека не постоела трговија со човечки органи од страна на припадниците на ОВК и УЧК, како што беше тврдено во извештајот на Дик Марти.
„Претставниците на Албанија и Македонија во Советот на Европа се должни да побараат ревизија на оваа резолуција,“ изјави Ахмети.
Тој остро ја критикуваше работата на судот, велејќи дека Специјализираниот совет во Хаг не ја штити правдата, туку шири предрасуди, судејќи само на една страна.
„Судот во Хаг систематски го игнорира насилството на српската држава и соработува со нејзините структури, прифаќајќи материјали како докази од извршителите на злосторства,“ рече Ахмети, пренесе „Клан Косова“.
Тој додаде дека Албанците нема да дозволат нивната историја да биде пишувана од други, особено од институции кои, според него, го изгубиле кредибилитетот.
Протестот во Приштина беше организиран како реакција на, како што беше речено, „неправдата што им се нанесува на поранешните команданти на ОВК“, кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.