Баерн Минхен убедлив против Ајнтрахт: Дијас постигна гол по само 15 секунди

​Фудбалерите на Баерн Минхен забележаа убедлива победа од 3:0 (2:0) на гостувањето кај Ајнтрахт во Франкфурт, во натпревар од 6. коло на германската Бундеслига.

​Натпреварот го одбележа колумбискиот играч Луис Дијас, кој постигна два гола за Баварците, вклучувајќи го и најбрзиот гол сезонава во Бундеслигата, постигнат по само 15 секунди игра. По почетниот удар, Серж Гнабри одзеде една топка и го проигра Дијас на втората статива за рано водство.

​Дека Баерн ќе забележи лесна победа стана јасно во 27. минута кога предноста ја зголеми Хари Кејн. За Англичанецот ова беше 18. гол од почетокот на сезоната.

​Конечниот резултат од 3:0 го постави повторно Луис Дијас со својот втор гол на натпреварот во 84. минута.

​Актуелниот шампион го задржа својот максимален учинок на првото место на табелата со 18 бода, додека Ајнтрахт остана на шестото место со девет бода.