На прес-конференција, д-р Душанка Георгиева Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, остро реагираше на состојбата во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле, каде што, како што истакна, два дена немало вода во установата.
„Среде лето, при високи температури, детската болница Козле – каде се лекуваат најмладите пациенти со тешки респираторни заболувања, вклучително и деца со цистична фиброза – функционираше во нехумани услови, без основни хигиенски услови“, изјави Георгиева Трпевски.
Според неа, медицинскиот персонал бил принуден да работи во отежнати околности, додека родителите на хоспитализираните деца се соочувале со неизвесност и пренасочување на нивните најмили во други здравствени институции.
„Ова не е технички дефект, туку дефект на системот. Оправдувањата за слаб притисок и конфигурација на објектот се несериозни. Овој проблем никогаш досега не се случил, дури ни во лето кога потрошувачката е највисока“, додаде таа.
СДСМ бара јавно објаснување за причините, итна реакција од Министерството за здравство и Државниот санитарен инспекторат, како и контроли кои ќе утврдат дали постои ризик од бактериски инфекции или појава на зарази поради нарушената хигиена. Дополнително, се бара да се испита дали институциите каде што биле пренасочени децата имаат капацитет да примат зголемен број пациенти.
„Животот и здравјето на децата не се бројки – тоа се суштински приоритети на секое здраво општество. Оваа Влада покажува дека не може да се справи ни со најосновните предизвици во здравството. Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој функционира – не систем кој се распаѓа“, порача Георгиева Трпевски.
🎥 Линк до видеото